Омразата е многу штетна и токсична за секоја средина и општество во кое се појавува. Омразата е деструктивна, но таа воедно е и самодеструктивна, затоа што не само што е штетна за оние на кои им е упатена, туку е штетна и за оние што ја користат. На „хејтерите“ најчесто им недостасува доволно грижа и почитување од нивната средина, а своите проблеми тие ги префрлаат кон другите сметајќи дека токму тие се одговорни за нивните маки.
Токсичноста и штетите од омразата треба да ги избегнуваме, да ги осудуваме и заедно да ги заштитиме оние што се цел на омразата. Омразата треба да ја пријавуваме и да ја осудуваме секаде каде што ќе се сретнеме со неа, затоа што ако ја игнорираме, таа станува посилна и полесно се шири. Тоа што се напаѓа или се мрази некој на интернет кого не го познаваме, или кој е различен од нас, не значи дека тоа е помалку болно за оние на кои им е таа упатена. Омразата на интернет боли како и секоја друга омраза и може да има сериозни последици, од страв, вознемиреност, изолација, недоверба, губење самоконтрола, агресивност и многу други.
Онлајн комуникацијата треба да ја користиме меѓу другото и за да креираме здрава средина и општество за сите нас. Ако ги поттикнуваме хуманоста, разбирањето и солидарноста со другите луѓе околу нас, тогаш сите сме во добивка затоа што создаваме хумано општество во кое има место за сите.