Нема да ви се верува! Погледнете што се случи! Скандал! Невидено досега! Ова мора да го пробате!
Ова се само некои трикови со кои медиумите се обидуваат да го привлечат вашето внимание за да видите или да прочитате некоја содржина. Станува збор за т.н. „клик-бејт“, или мамење за кликови, во кои медиумите се подготвени да направат сѐ само да ве принудат да кликнете на некоја објава. Најчесто тоа што се крие зад овие навидум возбудливи наслови се лажни или манипулативни содржини, кои ќе ве разочараат и ќе ве уверат дека станува збор за трик, или за нешто што, на крајот на краиштата, е далеку од вашите првични очекувања.
Дигиталната хигиена е многу важна, а таа подразбира да знаеме да препознаваме информации и содржини што се злонамерни или манипулативни, да ги избегнуваме и да споделуваме со другите информации и препораки за тоа кои содржини се штетни и манипулативни. Со тоа создаваме безбедна онлајн средина за корисниците, особено за младите, во која ние како дел од заедницата учествуваме во нејзиното оформување и заштитување.