Некои политичари често се обидуваат да нѐ убедат дека треба токму ним да им веруваме и дека тие се најдобриот избор за нас. Тие бараат наша поддршка за да бидат лидери во општеството, кои ќе одлучуваат за многу важни теми и дилеми што ги засегаат сите граѓани. Сакајќи да ја добијат нашата доверба, политичарите даваат многу ветувања и знаат да креираат розова реалност во која сите ќе бидеме среќни и ќе живееме просперитетно, а за тоа само треба да правиме така како што тие ни порачуваат. Но, оваа розова реалност многу често останува само празна приказна, која им служи на политичарите да ја извртуваат вистината и да скријат од нас што навистина се случува во нашето општество.
Затоа треба внимателно да ги мериме зборовите на политичарите и на другите јавни личности, да ги споредуваме со нивните дела и со нивната работа. Поради ова кликајте паметно, не верувајте во сѐ што ќе слушнете само затоа што тоа го има насекаде во медиумите, споредувајте ги вестите и информациите од повеќе извори, проверете ги фактите дали се точни или не, не верувајте им на медиумите за кои знаете дека претходно ги извртувале фактите и вистината. На политичарите, пак, порачајте им дека довербата треба да ја заслужат со чесна работа и решавање на проблемите, а не со купување или дарување на вашата доверба на слепо или незаслужено.
За проверка и за споредување на вестите, можеме да користиме некој агрегатор за вести (time.mk, grid,mk, fax.al, vesti.mk, Google News и др.) или на некој пребарувач да споредиме вести за некоја тема од порано.

