Луѓето кога не можат докрај да разберат некоја појава, која може да има своја долга историја и да биде многу сложена, често се обидуваат да ги разјаснат своите недоумици со поедноставени објаснувања и стории. Овие приказни што ги креираме за да ја смириме нашата совест со цел да помислиме дека ги разбираме нештата докрај, и во кои главни актери се некакви зли сили и групи, ги нарекуваме теории на заговор. Тие најчесто се преполни со измислици, полуфакти, искривена логика и лажни аргументи. Преку нив лесно се шират заблуди, предрасуди и погрешни сфаќања за реалноста во која живееме.
Клучната одлика на човекот е неговиот разум и способноста критички да размислува. Тие му помагаат да ги решава проблемите и да ги совладува предизвиците со кои се соочува. Заблудите и теориите на заговор ни нудат лажни решенија за проблемите што остануваат и продолжуваат да имаат штетно влијание. Фактите, логиката подржана од докази и науката отсекогаш биле клучни за развојот на човештвото. Токму затоа, секој од нас треба да даде свој придонес за тој развој со тоа што етички и одговорно ќе ги користиме фактите, информациите и науката за да ги решаваме предизвиците на нашето време.
Корисна алатка за ова се сервисите за проверка на информациите какви што се прирачникот за лажни вести и дезинформации. snopes.com, factcheck.org, vistinomer.mk, kryptometer, и многу други.

